Muhammed Yasin Güngör
07 Февруари 2025•Ажурирај: 12 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Уште еден федерален судија ја блокира контроверзната извршна наредба на претседател Доналд Трамп, со која сакаше да го укине правото на државјанство по раѓање, нарекувајќи ја „очигледно неуставна“, јавува Анадолу.
Американскиот судија Џон К. Кафенор, назначен од Роналд Реган, вчера издаде привремена наредба, истакнувајќи дека правото на државјанство по раѓање е заштитено со 14. амандман и не може да биде изменето со извршна наредба, пренесува „Вашингтон пост“.
Судијата Кафенор ја отфрли аргументацијата на администрацијата на Трамп дека децата на странски државјани не се „предмет на јурисдикцијата“ на САД, повикувајќи се на пресудата на Врховниот суд од 1898 година, со која се потврдува правото на државјанство за сите родени на територијата на САД.
„Владеењето на правото, според него (Трамп), е нешто што треба да се заобиколи или игнорира за политичка или лична корист“, изјави Кафенор.
„Во оваа судница и под мој надзор владеењето на правото е јасен светилник што имам намера да го следам.“
Извршната наредба на Трамп имаше цел да им го одбие државјанството на децата родени во САД од имигранти без документи или лица со привремени визи.
Одлуката на Кафенор следува по слична пресуда од судијката Дебора Бордман од Мериленд, која издаде национална наредба, велејќи дека извршната наредба би им предизвикала „непоправлива штета“ на семејствата.