Servet Günerigök
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе ја посети Словачка и Бугарија оваа недела откако ќе присуствува на Состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, соопшти Пентагон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Остин денес престојува во Белгија, каде што ќе одржи разговори со сојузниците на НАТО „за сите работи што ги правиме како Сојуз со цел да ги зајакнеме и поддржиме способностите за одвраќање на источното крило“, изјави портпаролот Џон Кирби на прес-конференција.
Од Брисел, Остин ќе отпатува за Словачка, што беше најавено минатата недела.
Кирби ја најави Бугарија како трета станица за посета, за време на која Остин ќе се сретне со високи цивилни и воени претставници.
Посетите доаѓаат во период на извештаите дека САД сакаат да испратат повеќе оружје во Украина поради војната со Русија.
Бугарија и Словачка се две земји на НАТО кои го имаат ракетниот систем „С-300“.
Војната на Русија и Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции врз Москва и поттикна истапување на големи светски фирми од Русија.
Од почетокот на војната во Украина, според Обединетите нации, загинале најмалку 636 цивили, додека 1.125 се повредени. Сепак тие предупредија дека вистинската бројка веројатно е многу поголема.
Околу 2,8 милиони луѓе ја напуштија земјата во соседните земји, според Агенцијата на ОН за бегалци.