Salih Okuroğlu
14 Септември 2023•Ажурирај: 15 Септември 2023
ЊУЈОРК (АА) – Американскиот Стејт департмент ја одобри продажбата на борбените авиони Ф-35А и воена опрема на Јужна Кореја во вкупна вредност од 5,06 милијарди долари, јавува Анадолу.
Агенцијата за одбранбена безбедност и соработка на Пентагон (DSCA) соопшти дека американскиот Стејт департмент одобрил продажба на Јужна Кореја до 25 борбени авиони од типот Ф-35А и 26 мотори Ф-135-ПВ-100, како и муниција, опрема за поддршка и обука на персоналот.
Во соопштението се наведува дека известувањето за одобрувањето на продажбата е испратено до американскиот Конгрес.
Нагласено е дека евентуалната продажба, за која се наведува дека придонесува за целите на американската надворешна политика и националната безбедност, „ќе ја одврати агресијата во регионот“ и ќе го подобри капацитетот на Јужна Кореја да се спротивстави на сегашните и идните закани.
Доколку Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) не се спротивстави на одлуката на Стејт департментот, во рок од 30 работни дена ќе започнат преговори за деталите за содржината на пакетот.
На крајот од овие преговори, САД ќе испратат официјална понуда до Сеул.