Michael Gabriel Hernandez
11 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американската разузнавачка заедница утврди дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за „пролонгиран конфликт“ во Украина, изјави вчера директорката на американската национална разузнавачка служба, Аврил Хејнс, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање пред Сенатот на САД, Хејнс рече дека војната веројатно нема да заврши наскоро.
Како што рече таа, неуспехот на Путин да обезбеди брза победа против Украина и да го заземе главниот град Киев, ја лиши Москва од брзата воена победа за која првично очекувала дека ќе ги спречи САД и НАТО да можат да пружат значителна воена помош на Украина.
„Следниот месец или два од борбите ќе бидат значајни бидејќи Русите се обидуваат да ги засилат своите напори, но дури и ако бидат успешни, не сме сигурни дека борбата во Донбас ефективно ќе стави крај на војната“, рече таа, мислејќи на источна Украина каде што Русија ги префрли своите воени операции по повлекувањето од север.
„Сепак, Путин сè уште има намера да ги постигне целите надвор од Донбас“, рече Хејнс, која регионот го нарече „тампон-зона“.
„Иако руските сили би можеле да ги постигнат повеќето од овие краткорочни цели во наредните месеци, ние веруваме дека нема да можат да ја прошират контролата над копнениот мост што се протега до Придњестровје и ја опфаќа Одеса без да започнат некаков облик на мобилизација“, изјави таа, и додаде:
„Сè помалку е веројатно дека ќе можат да воспостават контрола и врз двете области и врз тампон-зоната во наредните недели, но Путин најверојатно верува дека Русија е поспособна и поспремна од нејзините противници да ги издржи предизвиците.“