Fatih Erel
25 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
ДАВОС (АА) - Агенцијата за миграции на ОН на Светскиот економски форум во Давос ги повика врните политички лидери да преземат активности со кои ќе се спречи мигрантите да ги губат своите животи во Медитеранот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Меѓународната организација за миграции (IOM) досега, во текот на овој месец се регистрирани над 200 лица кои го загубија животот во Медитеранот.
„Ова е голема трагедија што трае. Во текот на овој месец веќе загубивме неколку стотици лица“, вели за АА, генералниот директор на IOM, Вилијам Лејси Свинг, во интервју во Давос.
Тој, исто така, ги повика учесниците на Форумот од приватниот сектор да обезбедат работни места за мигрантите.
Претходно во текот на овој месец, ОН предупреди за смртоносниот почеток на годината за мигрантите кои го преминуваат Средоземното Море и апелираше за обезбедување повеќе места за преселување и обезбедување побезбедни алтернативи за да бидат заштитени.
Нагласувајќи дека прашањата за мигрантите во Давос се дискутирани повеќе во споредба со претходните години, Свинг рече дека ќе се одржат шест настани во Давос на кои ќе се дискутира за миграциите.
„Многу го ценам тоа што Турција е најголемата земја-домаќин на бегалците во светот. Има повеќе од 3 милиони бегалци во Турција. Ние сме во блиска соработка со турската Влада“, вели Свинг.
„Најголемата работа се врши во Анкара, Истанбул, Газиантеп и неколку други места. Така што ние многу го цениме тоа“, вели тој.
- Кризата на Рохинџа-бегалците -
ОН во вторникот го повика Мјанмар да дозволи непречен хуманитарен пристап во Аракан и да обезбеди потребни заштитни мерки за Рохинџа-муслиманите да се вратат.
Нагласувајќи дека во моментот има 850.000 Рохинџа-бегалци во Бангладеш, Свинг рече дека нивното безбедно враќање мора да започне сега.
„Она на што се надеваме е дека ако тие се вратат, тоа мора да биде под услов дека ќе бидат безбедни, достоинствени и целосно поддржани од страна на властите“, вели Свинг.
„Тие веројатно се најранливиот народ во светот“, додаде тој.
Араканските муслимани Рохинџи веќе со години се најзагрозено етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Според податоците на „Лекари без граници“, од 25 август се убиени најмалку 9.000 муслимани.
Според последните бројки објавени од страна на ОН, по нападите што во Аракан ги спроведува мјанмарската војска, од 25 август до денес, во Бангладеш избегаа 655.000 аракански муслимани. Се претпоставува дека во 1970-тите години во Аракан живееле околу 2 милиони муслимани, но оваа бројка денес е намалена под 350.000, поради бегствата од систематските напади. Во нападите, коишто прераснаа во етничко чистење, беа запалени над 300 села.