Handan Kazancı
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Арапската лига ќе одржи вонреден состанок на кој ќе разговара за планот на САД да ја премести својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помошникот-генерален секретар на лигата, Хосам Заки, за новинарите во Каиро изјави дека претставниците на Арапската лига утре ќе се состанат итно по прашањето за Ерусалим, на барање на Палестина.
Овој потег се случи по неодамнешните јавувања во медиумите дека американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
Вчера, палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал-Малики, ја повика Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИК) да се состанат на разговори околу ситуацијата во Ерусалим.
Ал Малики предупреди дека таквиот потег на САД ќе има сериозни последици и би предизвикал експлозија на ситуацијата во палестинските територии и во регионот.
За време на својата предизборна кампања Трамп даде ветување дека ќе ја пресели американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.