Ali Cura
31 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
МОСКВА (АА) - Лидерот на сирискиот режим Башар ал Асад изјави дека е подготвен на преговори со терористичката организација ЈПГ/ПКК, која се претставува под плаштот на Сириските демократски сили (СДС), и порача дека во спротивност ќе употреби сила и ќе ги ослободи окупираните региони во северниот дел на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за руската телевизија „Today“, Асад истакна дека западните сили, предводени од Соединетите Американски Држави (САД), ги поддржуваат терористичките организации во Сирија.
Нагласувајќи дека е тешко да се каже датумот кога би можело да заврши војната во Сирија, Асад изјави дека војната се приближува кон крајот.
Тој исто така изјави дека таканаречените СДС во кои доминираат терористите на ЈПГ/ПКК, се нов адут преку кој САД се обидуваат да делуваат во Сирија.
„Со нашето напредување и неутрализација на терористите остана само еден проблем во Сирија, а тоа се СДС. Имаме две опции за решавање на тој проблем. Отворени сме за преговори. Поголемиот дел од СДС се Сиријци за кои веруваме дека исто така ја сакаат својата земја и не сакаат да бидат марионета на странските сили. Тоа ни е заедничка позиција. Никој од нас не им верува на Американците бидејќи тие секогаш мамат, и нивните зборови и дела се секогаш различни. Доколку преговорите не вродат со плод, ќе употребиме сила и ќе ги ослободиме окупираните територии“, порача Асад.