Sibel Uğurlu
24 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
БАГДАД (AA) – Владата на Ирак побара од Курдската регионална управа на северот на таа земја поради најавениот неуставен референдум за независност, да ги предаде под контрола на Владата во Багдад сите гранични премини и аеродроми на северот на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Советот за национална безбедност на Ирак денеска со посредство на државната ирачка телевизија објави соопштение по повод утрешниот референдум на северот на Ирак кој претходно Уставниот суд на Ирак го забрани.
„Референдумот е еднострана одлука и чекор кон криза. Владата на Ирак бара од Курдската управа на официјален Баград да му ја предаде контролата на границата и аеродромите, а соседните земји ги повикуваме во врска со нафтата и границите да комуницираат исклучиво со Багдад", се наведува во соопштението.
Исто така, во соопштението се наведува дека Владата на Ирак нема да пристапи кон никакви преговори со Курдската управа по неуставниот и илегален референдум.
„Владата на Ирак има власт над целата државна територија и прашањата кои се во интерес на ирачкиот народ, вклучувајќи ги и курдските граѓани", стои во соопштението.
Потсетуваме, претседателот на Курдската управа на северот на Ирак, Месуд Барзани, на 7 јуни распиша референдум за независност на тој регион и го најави за утре, 25 септември. Во меѓувреме, Владата, Парламентот и уставниот суд на Ирак забранија одржување на тој референдум, а за неприфатлив го оценија и соседна Турција и Иран, како и целата меѓународна заедница, освен Израел.