Emre Aytekin
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
КОКС БАЗАР (АА) – Бангладеш најави дека е суспендирано спроведувањето на Договорот постигнат со Мјанмар за враќање на повеќе од 700.000 аракански бегалци во своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
Абдул Калам, претседателот на Комисијата за бегалци, изјави дека араканските бегалци не сакаат да се вратат во Мјанмар под постоечките услови и дека не можат да бидат присилени на тоа. Затоа планот за повторно преселување засега е суспендиран.
Абдул Калам изјави: „Ние ќе продолжиме со нашите напори за убедување.“
Околу 1.000 бегалци кои живеат во камповите во Кокс Базар, протестираа против планот за прераспоредување којшто требаше да започне денес.
Според Договорот постигнат меѓу Бангладеш и Мјанмар, во првата етапа беше предвидено повторно да бидат раселени 2.200 Араканци, за што „имаше одобрение“ од Мјанмар. Но ниту еден од бегалците за кои беше одобрено враќањето, без да бидат заштитени од ОН, не сакаше повторно да се смести во својот дом во Мјанмар.
Владата на Бангладеш даде уверување дека ниту еден бегалец нема да биде вратен со присила.
И Обединетите нации (ОН), исто така, не го поддржаа спроведувањето на споменатиот план. Мишел Бачелет, високиот комесар на ОН за човекови права, ја повика Владата на Бангладеш да го запре планот за враќање на араканските муслимани во Мјанмар.
Бачелет нагласи дека враќањето би значело кршење на меѓународното право и сериозно би ги загрозило животот и слободата на овие луѓе. „Враќањето (на араканските муслимани) би значело кршење на меѓународното право и би можело сериозно да ги загрози нивните животи и слободи“, рече Бачелет.
- Етничко чистење насочено кон араканските муслимани
Според ОН, по 25 август 2017 година, бројот на луѓе кои беа принудени да бегаат од Аракан и да се сместат во Бангладеш, ја надмина бројката од 700.000. Меѓународните организации за човекови права, објавувајќи сателитски снимки, потврдија дека се уништени стотици села. ОН и меѓународните организации за човекови права, насилството врз араканските муслимани го нарекоа „етничко чистење“ или „геноцид“.
Владата на Мјанмар во значителна мерка ги ограничува меѓународните медиуми и организации да влезат во провинцијата Аракан. Исто така, до денешен ден не ги исполни ветувањата во врска со враќањето на араканските муслимани.
Араканските муслимани кои се сместени во Бангладеш, како и организациите за човекови права, истакнуваат дека враќањето на бегалците во Мјанмар ќе доведе до нова кампања на етничко чистење, доколку не се обезбеди безбедност за нив во нивното опкружување.
- Араканските муслимани не можат да се вратат во својата земја
Властите на Мјанмар и Бангладеш на 23 ноември 2017 година потпишаа договор за враќање на араканските муслимани во својата земја.
Според Договорот, тие што сакаат да се вратат во Мјанмар, мораат да обезбедат документација дека живееле во Мјанмар пред да преминат во Бангладеш. Но тоа претставува проблем, бидејќи од 1982 досега, на араканските муслимани во Мјанмар им е одземено правото да бидат државјани. Самото тоа претставува сериозен проблем за изнаоѓање на евиденција за араканските муслимани во Мјанмар. Според Договорот, и документите за араканските муслимани во Бангладеш издадени од ОН, претходно е потребно да поминат низ период на „одобрение“ од страна на Владата на Мјанмар.
Исто така, во рок од два месеца од потпишувањето на Договорот, араканските муслимани требаше да се вратат во својата земја, но почетокот на процесот за враќање на араканските муслимани беше одложен.
Поради неможноста да се документира состојбата на раселените лица, Договорот не може да се примени во пракса. Од друга страна, араканските муслимани, кои, бегајќи од прогонот, побараа засолниште во камповите во Бангладеш за да ги спасат своите животи, не сакаат да се вратат во Мјанмар пред да им биде дадено државјанство и пред да бидат сигурни дека ќе им бидат обезбедени одредени права и безбедност.
Араканските муслимани мислат дека, во споредба со прогонот во Мјанмар, нивните животи во камповите се подобри и се обидуваат да опстанат во живот, покрај сите тешкотии и невозможности што се присутни во областа Кокс Базар во Бангладеш.