Gülşen Topçu
02 Септември 2020•Ажурирај: 03 Септември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Најголемата банка во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) „First Abu Dabi Bank“ (FAB) најави наскоро започнување на преговорите за соработка со израелските финансиски институции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најавата следуваше по неодамнешното потпишување на договорот за соработка меѓу Централната банка на ОАЕ и Министерството за финансии на Израел.
Во соопштението на ФАБ се наведува дека преговорите за соработка ќе ги водат со најголемите израелски финансиски институции, вклучувајќи ги банките „Хапоалим“ и „Банк Леуми“.
Исто така се наведува дека соработката на финансиските институции на Емиратите и Израел е важна за развој на економски и трговски соработки меѓу двете земји.
Од кабинетот на Владата на Израел вчера е соопштено дека Министерството на таа земја потпишало договор за соработка со Централната банка на ОАЕ.
Обединетите Арапски Емирати и Израел на 13 август соопштија дека постигнале договор за нормализација на билатералните односи. Претседателот на САД, Доналд Трамп лично соопшти дека Емиратите и Израел постигнале договор во потполност да ги нормализираат билатералните односи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека тоа е историски успех.
Палестинското раководство, вклучувајќи ги движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народен фронт за ослободување на Палестина, е согласно дека договорот за нормализација на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел претставува големо предавство.
Обединетите Арапски Емирати така станаа трета арапска земја која со Израел постигнала договор за нормализација на односите, а претходно тоа го сторија Египет (1979) и Јордан (1994).