Handan Kazancı
25 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 17 мигранти од Хаити, вклучително и едно дете, загинаа откако нивниот чамец се преврте кај Бахами, објави во недела премиерот на таа земја Филип Дејвис, известува Агенција Анадолија (АА).
„Спасувачките екипи извлекоа 17 тела од вода. Станува збор за 15 жени, еден маж и едно дете“, наведе Дејвис во објава на социјалната мрежа Твитер.
Тој додаде дека 25 лица се спасени и се под медицински надзор, како и дека останатите се водат за исчезнати поради што во тек е акцијата за спасување.
Дејвис рече дека според првичната истрага, околу 60 луѓе се наоѓале на чамецот кој го напуштил пристаништето Њу Провиденс на Бахамите околу 1 часот наутро по локално време и се „превртел во немирното море“.
Се верува дека конечната дестинација на бродот била американската сојузна држава Флорида.
„Во тек е истрага за да се утврдат сите околности околу операцијата на криумчарење на луѓе која резултираше со смрт на мигрантите од Хаити“, рече Дејвис.
Тој го осуди организирањето на акции на криумчарење кои ги загрозуваат човековите животи и националната безбедност.
Премиерот на Хаити, Ариел Хенри на Твитер го потврди инцидентот.
Политичките превирања, високи трошоци за храна и порастот на инфлација ја загрозуваат хуманитарната криза во Хаити, која се бори со ескалација на насилство по убиството на претседателот Жовенел Моиз на 7 јули минатата година.