Ekip
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
БРИСЕЛ
Белгиската Влада се обиде да испрати лекови со речиси истечен рок од своите стратешки резерви во Украина како хуманитарна помош, објавија локалните медиуми во среда, известува Агенција Анадолија (АА).
Според истрагата на весникот „Het Laatste Nieuws“ (HLN), хуманитарната помош во вредност од 3,4 милиони евра која белгиската Федерална влада ја испратила во Украина на почетокот на март, првично содржела 20 проценти лекови и 10 проценти медицинска опрема со речиси истечен рок.
На 280.000 лекови и 140.000 шприцови рокот им истекувал за три недели, а на други 10.000 стоки им останувале само 2-5 месеци по пристигнувањето, доколку камионите не бидат запрени пред да пристигнат во Украина.
На крајот на март, Министерството за здравство повторно се обиде да испрати 140.000 шприцови и 40.000 лекови, на кои им останале една недела од истекувањето на рокот.
Дирк Рамаекерс, директорот за кризен менаџмент на белгиското Министерство, за „Het Laatste Nieuws“ (HLN) призна дека биле свесни за краткото време до рокот на истекување, но потврди дека хуманитарната помош морала да биде брза и дека украинските власти ја прифатиле донацијата знаејќи ги деталите.
Стратешките резерви на земјата за пандемијата сега содржат 98,5 милиони евра вредни стоки со поминат рок, но според пресметките на весникот, оваа бројка би можела да е многу поголема.
Светската здравствена организација (WHO) советува како хуманитарна помош да се донираат медицински материјали со рок од над една година.