Jeyhun Aliyev
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
АНКАРА
Главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Фату Бенсуда соопшти дека МКС примил доверливи информации за 11 масовни гробници во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие откритија можат да претставуваат доказ за воени злосторства или злосторства против човештвото“, изјави Бенсуда во информацијата.
Откако се ослободени териториите кои некогаш беа контролирани од припадниците на милитантните на Калифа Хафтар, во Тархуна и неговата околина откриени се многу масовни гробници, а либиските официјални претставници ги повикаа меѓународните правосудни тела да сторат нешто по тоа прашање.
„Ги повикувам либиските власти да ги преземат сите неопходни мерки за да се заштитат и обезбедат местата на масовните гробници и да се погрижат да се спроведат сите активности за да не ги доведат во прашање идните истраги“, изјави таа.
Бенсуда воедно ја поздрави и одлуката на Антонио Гутереш, секретарот на ОН, кој понуди поддршка во таа смисла, додавајќи дека МКС се радува да соработува со либиските власти, ОН и сите релевантни партнери во истрагата на овие докази за можните злосторства во Тархуна.
Таа изрази и загриженост поради зголеменото насилство и можниот раст на жртвите како последица на воздушните напади и гранатирања.
Таа ги повика сите страни и вооружени групи во Либија потполно да ги почитуваат правилата на меѓународното хуманитарно право.
„Тоа ги вклучува сите неопходни мерки во заштита на цивилите и цивилната инфраструктура вклучувајќи ги училиштата и здравствените установи“, додаде Бенсуда.
Таа ги повика и сите команданти да преземат неопходни мерки за да се спречат и да се казнат злосторствата на нивните подредени.
Таа наведе и дека Либија продолжува да биде приоритет за МКС.