Tayfun Salcı
09 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
ЛОНДОН (АА) - Министерството за надворешни работи на Велика Британија не ги акредитираше руските медиуми РТ и „Спутник“ за Глобалната конференција за слобода на медиумите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од руската Амбасада во Лондон се истакнува дека барањето за акредитација на рускиот телевизиски канал РТ за Глобалната конференција за слобода на медиумите, која ќе започне утре во Лондон, е одбиена.
Се истакнува дека Министерството за надворешни работи на Велика Британија, како причина за одбивање на акредитацијата ја навело квотата која била пополнета, а тв-каналот барањето за акредитација го поднел пред неколку недели.
По одбивањето на акредитацијата Амбасадата на Русија реагирала до Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
„Ова е директна политичка дискриминација против рускиот тв-канал“, се нагласува во соопштението на Амбасадата.
„Одлуката на британското Министерство за надворешни работи е последната фаза од кампањата за оцрнување која се води против рускиот канал“, се вели во соопштението, и се додава: „Може ли да има подобар пример за покажување на реалната состојба на слободата на медиумите во Британија? Како што разбравме, тие што ја организираат конференцијата сакаат да дебатираат за слободата на медиумите на сите страни од светот, но не сакаат за слободата на медиумите во таа земја.“
Покрај телевизискиот канал РТ, исто така не е акредитирана и руската новинска агенција „Спутник“.
- Потврда од Министерството за надворешни работи -
„Британското Министерство за надворешни работи потврди дека на двата руски медиуми не им се дадени акредитации“, пишува британскиот јавен телевизиски сервис „Би-би-си“ (BBC). Според Министерството, акредитациите се одбиени поради „активната улога на РТ и „Спутник“ во ширењето на дезинформациите“.
Во 2016 година, Велика Британија ги замрзна банкарските сметки на телевизискиот канал РТ во земјата. Британскиот медиумски надзорник „Ofcom“, исто така минатата година пресуди дека каналот ги прекршил правилата за емитување на информациите за двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, затруени од хемиска супстанција во Велика Британија.
Глобалната конференција за слобода на медиумите, организирана заеднички од британските и канадските министерства за надворешни работи, ќе започне утре во Лондон со учество на околу 1.000 новинари и невладини организации и официјални претставници од 60 земји.
На конференцијата, која ќе трае два дена, ќе учествува и Амал Клуни, специјалната претставничка на Велика Британија за прашања поврзани со слободата на медиумите.