Zuhal Demirci
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за одбрана, Бен Валас, изјави дека Русија де факто анектирала дел од територијата на суверената држава Украина и дека не треба да се има дилема да се направи сè што е потребно во одвраќањето на Путин од поткопување на НАТО и Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Валас во обраќањето на отворањето на состанокот од Заедничките експедициски сили (JEF), на кој учествуваа министрите за одбрана на балтичките и скандинавските земји, наведе дека одлуката на Русија да ги признае таканаречената Народна Република Доњецк и таканаречената Народна Република Луганск е во спротивност со меѓународното право.
Toj oцени дека ситуацијата во Украина е исклучително сериозна.
„Ова е суверена држава (Украина) чиј дел од територијата сега де факто е анектиран. Украина е суверена и демократска држава во Европа. Сите би требало да бидеме загрижени во Европа и да не се двоумиме да направиме сè што е потребно да го одвратиме Путин од поткопување на НАТО и Европа, што е уште поважно, на нашите вредности“, порача Валас.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во Кремљ ги призна украинските региони Доњецк и Луганск како независни држави и потпиша договори со сепаратистичките водачи на тие региони и им издаде наредба на Вооружените сили на Русија да го зачуваат мирот на таканаречената Народна Република Доњецк и таканаречената Народна Република Луганск.