Ekip
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
ЛОНДОН (АА) - Британските парламентарци по вторпат го отфрлија обидот на Владата за одржување на предвремени избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако Владата го освои предлогот со 293 гласа „за“ наспроти 46 гласа на пратениците кои беа против, не успеа да го достигне двотретинското мнозинство од 434 гласа потребни на Парламентот за да свика општи избори.
Лабуристите, либералните демократи, шкотските националнисти и Партијата на Велс (Плаид Цимру) се обединија да го спречат Борис Џонсон да бара одржување на нови избори, со тоа што гласаа против или беа воздржани, при што му зададоа шести пораз на шестото гласање во текот на шест дена.
„Претходно го повикав Домот да верува на народот, но уште еднаш, опозицијата мисли дека таа е подобра“, рече премиерот набргу по неговиот пораз, додавајќи дека таа (опозицијата) сака тој да оди на значајни преговори, без моќ да замине.
„Таа уште еднаш сака да го одложи Брегзит, без понатамошно повикување на оние што гласаа за него... работата на британскиот Парламент ќе биде суспендирана, ќе биде продолжено државното отворање и говорот на Кралицата за 14 октомври, и се надевам дека опозицијата ќе го искористи тој период за размислување. Во меѓувреме Владата ќе продолжи со преговорите за договор“, изјави Џонсон.
Реагирајќи на резултатот од гласањето и коментарите на Џонсон, лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, го повика премиерот да ги открие деталите за неговите предлози за преговорите со ЕУ, меѓу кои и наводните предлози за ирската граница.
Лидерот на опозицијата, исто така, го критикуваше премиерот за суспендирање на Парламентот, окарактеризирајќи го потегот за недемократски и го обвини за кукавичлук поради тоа што не презеде одговорност за неговите напори да издејствува Брегзит без договор.
Корбин повтори дека сака да излезе на општи избори, но не на избори што ќе ја принудат Велика Британија да излезе од ЕУ без договор.
„Единственото нешто што не го кажа премиерот е дека ќе го почитува законот на оваа земја. Тој не рече, ги признавам или прифаќам трите гласа во овој Парламент, а по негово барање, Домот сега треба да биде пророгиран во една од најдолгите пророгации во историјата, само со цел да избегне какво било испрашување за она што тој го прави или не го прави“, рече Корбин. „Оваа Влада претставува срам“, додаде.
Долниот дом на британскиот Парламент вчера изгласа два нацрт-закона: Нацрт-закон со којшто ја принудува Владата да ги објави сите проценки за штетата што би се предизвикала во услови на Брегзит без договор; и Нацрт-закон со кој премиерот се принудува да го следи законот и да побара продолжување од ЕУ доколку не се постигне договор заклучно со 19 октомври.
Вториот понижувачки пораз на Владата му нанесе нов удар на Џонсон по неделата на порази, кога неговото веќе намалено мнозинство уште повеќе го ослабнаа 21 пратеник од конзервативците кои беа исфрлени од партијата и уште еден пратеник кој се префрли кај либералдемократите.
Џонсон и неговата Влада се најдоа во ќорсокак, без можност да свикаат општи избори и ограничени од законот за да ја извадат Велика Британија од ЕУ без договор. Тој повтори дека нема да бара продолжување од Брисел, дека ќе преговара за договор и дека Велика Британија ќе излезе од Унијата на 31 октомври.
Џонсон треба да открие одредени значајни и конкретни детали во врска со договорот за којшто преговара, за „изобилието“ на предлози кои ги има за ирската граница и за тоа дали за договорот и прашањето за ирската граница ќе се согласат ЕУ и Парламентот.
Британскиот Парламент сега е пророгиран до 14 октомври, а Велика Британија се очекува да ја напушти Европската Унија (ЕУ) на 31 октомври.