Ahmet Gürhan Kartal
04 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ЛОНДОН (АА) - Коосновачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, нема да биде екстрадиран во Соединетите Американски Држави (САД), пресуди денес британскиот суд во случајот што траеше неколку месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Централниот кривичен суд ја донесе пресудата истакнувајќи дека Асанж не може да биде екстрадиран бидејќи постои загриженост за неговото ментално здравје.
Американските власти ќе имаат 14 дена да ја обжалат одлуката.
Доколку Асанж беше екстрадиран во САД, ќе се соочеше со 18 точки од обвинението за хакирање на компјутерите на американската администрација и кршење на законот за шпионажа и со потенцијална казна затвор од 175 години.
Тој беше изнесен од зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон во 2019 година, каде што се засолнуваше повеќе од седум години.
Британската полиција соопшти дека е уапсен за прескокнување на плаќањето на кауцијата во 2012 година и поради налогот на САД за екстрадиција.
Подоцна, тој беше прогласен за виновен од Судот за прекршоци во Вестминстер за кршење на условите за кауција во 2012 година, откако не им се предаде на безбедносните служби и му беше одредена затворска казна од 50 недели.