Beyza Binnur Dönmez
15 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, ја повика Кина транспарентно да ги сподели информациите за коронавирусот во текот на денешниот телефонски повик со неговиот кинески колега Јанг Џиечи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Државниот секретар Мајкл Р. Помпео денес разговараше со Јанг Џиечи, директор на Кабинетот за надворешни работи на Комунистичката партија на Кина“, соопшти портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус. „Државниот секретар ја истакна потребата за целосна транспарентност и размена на информации за борба против пандемијата на Ковид-19 и за спречување на понатмошното ширење“.
„Тој, исто така, ја истакна помошта што американскиот народ ја испорача на народот на Кина во јануари, и континуирано нудената помош, како и големата важност што ја даваме на олеснувањето на извозот на медицински материјали од страна на Кина за задоволивање на клучните потреби во САД“, додаде Ортагус.
Двете страни ја потврдија својата посветеност кон надминување на пандемијата и повторно враќање на здравјето и просперитетот во светот.
Вирусот Ковид-19, кој за првпат се појави во декември 2019 година во кинескиот град Вухан, се рашири во над 200 земји и региони. Во моментов најтешко погодени од вирусот во светот се Соединетите Американски Држави (САД).
САД имаат најголем број потврдени случаи и смртни случаи од вирусот во светот, односно речиси 610.000 заразени лица и скоро 27.000 починати. Во земјата од вирусот се излекуваа над 50.000 лица.