Ahmet Gençtürk
25 Април 2025•Ажурирај: 26 Април 2025
АТИНА (АА) - Голем број светски лидери и членови на кралски семејства ќе присуствуваат на погребната церемонија на папата Франциск, што ќе се одржи в сабота во Рим, јавува Анадолу.
Присуството на погребот го потврдија американскиот претседател Доналд Трамп, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателот Серџо Матарела, британскиот премиер Кир Стармер, принцот Вилијам, шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Меѓу останатите лидери и кралски личности кои ќе присуствуваат се и бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, аргентинскиот претседател Хавиер Герардо Милеј, претседателот на Еквадор Даниел Нобоа, филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор, полскиот претседател Анджеј Дуда, ирскиот премиер Михаел Мартин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, молдавската претседателка Маја Санду, белгискиот крал Филип и кралицата Матилда, како и норвешкиот принц Хаакон и принцезата Мете-Мар.
Франциск е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, во семејство на италијански имигранти.
Образованието го стекнал во Аргентина, а дел од студиите ги продолжил и во Германија, пред да биде ракоположен за свештеник на редот на језуитите во 1969 година.
Повеќе од една деценија како поглавар на Римокатоличката црква, папата Франциск остана фигура што предизвикува и восхит и контроверзии.
Тој се залагаше за реформи во ватиканската бирократија, борба против корупцијата и решавање на некои од најгорките предизвици со кои се соочува Црквата.
Папата беше примен во болница во Рим во февруари со бронхитис, кој се разви во пневмонија. Тој беше отпуштен по 38 дена за да продолжи со закрепнувањето во неговата резиденција во Ватикан.
Папата Франциск почина на 21 април на 88-годишна возраст.