Ekipa
03 Септември 2022•Ажурирај: 04 Септември 2022
КАРАЧИ (АА) - Со уште 57 смртни случаи во изминатите 24 часа, бројот на загинати во поплавите во Пакистан достигна 1.265, соопшти денес Националната агенција за катастрофи на Пакистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најголем дел од жртвите, 38, се пријавени од јужната покраина Синд, каде што нов бран поплави потопија уште поголема територија во централните делови во текот на изминатите 48 часа, зголемувајќи го вкупниот биланс на загинати во таа покраина од средината на јуни до денес на 502.
Уште 17 лица загинаа во одделни несреќи поврзани со поплавите во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва, која исто така е тешко погодена од обемните поплави предизвикани од поројните дождови.
Според Националната управа за справување со катастрофи (NDMA) од 14 јуни во Хајбер Пахтунхва загинале вкупно 285 лица, додека 257 жртви се регистрирани во југозападната покраина Белуџистан.
Околу 188 лица загинале во североисточната покраина Пенџаб, соопштија властите.