Ali Cura
03 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
МОСКВА (АА) – Поранешниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, е погребан денеска во Москва во присуство на голем број граѓани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Последното збогување беше приредено во Домот на синдикатите, а Горбачов беше погребан на Новодевичките гробишта, каде што е погребана и неговата сопруга Раисе.
Погребот заврши со почесно пукање и со химната на Руската Федерација.
Во Домот на синдикатите, меѓу останатите, беше присутен и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, унгарскиот премиер Виктор Орбан, политичари, амбасадори и семејството Горбачов.
Рускиот претседател Владимир Путин и рускиот премиер Михаил Мишустин испратија венци.
Поранешниот советски лидер почина на 91-годишна возраст во Москва на 30 август по тешко и долго боледување.
Горбачов е роден во 1931 година во селско семејство. Тој направи успешна кариера во Комунистичката партија и беше на чело на Советскиот Сојуз во периодот од 1985 до 1991 година.
Горбачов ја најави политиката на перестројката, замислена како транзиција кон подемократска и послободна земја, што доведе до распад на Советскиот Сојуз.
Во 1990 година ја доби Нобеловата награда за мир поради неговата водечка улога во мировните процеси во светот во тоа време и завршувањето на Студената војна. Во соопштението на Нобеловиот комитет беше нагласена и неговата улога во водењето на советското општество кон поголема отвореност.