Islam Uddin
01 Септември 2022•Ажурирај: 03 Септември 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Други 27 лица, меѓу кои 8 деца, загинаа во различни незгоди предизвикани од дожд и поплави низ Пакистан во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на загинати достигна 1.191, според официјалната статистика објавена денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во врска со последните жртви, 15 биле пријавени од јужен Синд, една од Пенџаб, 7 од Кајбер Пахтунхва и 4 од областа Белуџистан.
Вкупно 399 деца и 246 жени ги загубија животите, додека 3.641 лице беа ранети од средината на јуни, според Националната управа за управување со катастрофи на земјата (NDMA).
„Над 33 милиони Пакистанци во 80 подрачја низ земјата се погодени од тековните дождови и поплави“, соопшти НДМА.
Постојаните дождови и поплави веќе уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделските површини низ целата земја, вклучително и десетици илјади куќи, патишта и мостови, и однесоа речиси милион животни.
Според НДМА, досега 468.030 луѓе се префрлени во засолништата, а 118.247 луѓе се евакуирани од најпогодените области.
Големите поплави оштетија и над 1,1 милион куќи, додека целосно се уништени 372.823 куќи. Загинаа и околу 731.818 животни.
Во меѓувреме, продолжи и хуманитарната помош за поддршка на Пакистан во овие разорни поплави.
Синоќа уште еден турски авион со помош слета на Меѓународниот аеродром „Џина“, Карачи.
Турскиот генерален конзул Џемал Сангу заедно со претставници на Министерството за надворешни работи и на НДМА го пречекаа турскиот авион.
„Може да се забележи дека досега седум авиони од Туркије слетаа во Пакистан со помош за погодените од поплавите“, рече Асим Ифтихар, портпарол на Министерството за надворешни работи.
„Пакистан е благодарен на Владата и народот на Туркије за нивната поддршка и солидарност во овој тежок час на потреба“, рече тој во изјавата.
- Одложена посетата на пакистанскиот премиер на ОАЕ
Планираната посета на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на 3 септември е одложена поради тековните поплави во земјата.
„Бев да ги посетам ОАЕ на 3 септември на покана на претседателот Х. Х. [шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан]. Заемно одлучивме да ја одложиме посетата за да можам да се фокусирам на тековните активности за спасување и помош“, напиша Шариф на Твитер.
„Засекогаш ќе им бидеме должни на нашите браќа и сестри кои беа со нас во овој предизвик“, додаде тој.