Ayşe Doğru
21 Јули 2019•Ажурирај: 22 Јули 2019
ТОКИО (АА) - Во Јапонија денес се одржуваат избори на кои се избира половината од Сенатот, Горниот дом на јапонскиот Парламент „Коккаи“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јапонците денес бираат 124 нови претставници на Сенатот, кој брои вкупно 245 пратенички места.
Секоја трета година се бира половината од Сенатот, во кој мандатот трае 6 години.
Јапонската новинска агенција „Кјодо“ јавува дека се очекува Либералната партија на јапонскиот премиер Шинзо Абе да го задржи мнозинството во Сенатот.
Јапонија е земја со специфичен политички систем. Станува збор за парламентарна монархија во која царот го претставува симболот на нацијата, но извршната власт е во рацете на премиерот и Владата, која ја бира Долниот дом во Парламентот. И двата дома на Парламентот се бираат на директни избори.
Сенатот има помали законски овластувања од Претставничкиот дом, но денешните избори се секако, важен тест за премиерот Абе и неговите либерали, кои се соочуваат со неколку скандали пред одржувањето на Олимписките игри следната година во Токио.