Associated Press
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Велика Британија вети дека ќе ја брани Шведска доколку биде нападната, откако премиерите на двете земји, Борис Џонсон и Магдалена Андерсон, денеска потпишаа договор за безбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
По рускиот напад врз Украина на 24 февруари, Шведска и Финска размислуваат за членство во НАТО.
Британскиот премиер Борис Џонсон се очекува да преземе слична обврска за одбрана на Финска, по средбата со претседателот Саули Ниинисто.
Џонсон по церемонијата на потпишување рече дека договорот „ќе ја зајакне одбраната на северна Европа, наспроти новите закани“.
„Ова е долгорочна заложба за зајакнување на воените врски и глобалната стабилност и за зајакнување на одбраната на Европа за идните генерации“, рече Џонсон на прес-конференција.
Тој додаде дека Велика Британија ќе дојде напомош на барање на другата страна во случај на катастрофа или воен напад.
Рече дека војната во Украина е крвава кампања на рускиот претседател Владимир Путин против една суверена нација.
Шведската премиерка Андерсон истакна дека рускиот претседател мислел дека може да предизвика поделби, но дека го постигнал спротивното.
„Денес стоиме овде пообединети од кога било“, рече Андерсон.
Анкетите во Финска и Шведска покажаа дека мнозинството граѓани на тие земји се за членство во НАТО.
Според шведскиот весник „Експресен“, Шведска и Финска ќе аплицираат за членство во НАТО кон крајот на овој месец.
Русија претходно ги предупреди Шведска и Финска да не се приклучуваат на НАТО, велејќи дека потегот ќе има негативни последици за мирот и стабилноста во Северна Европа.