Şerife Çetin
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за одбрана на НАТО на 8 и 9 ноември ќе се состанат во Брисел, главниот град на Белгија, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека на состанокот на министрите за одбрана ќе се разговара за голем број прашања.
Главните теми на состанокот ќе бидат командната структура на НАТО, неговата улога во Авганистан и нуклеарната програма на Северна Кореја.
Столтенберг рече дека состанокот ќе биде и подготовка за НАТО Самитот што следната година ќе се одржи во Брисел, и додаде дека на првиот ден од состанокот ќе се разговара за нуклеарната моќ на НАТО, а потоа за командната структура на таа организација.
Исто така, закажана е средба со високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедност, Федерика Могерини.
На вториот ден од состанокот, како што рече Столтенберг, во план е да се разговара за улогата на НАТО во Авганистан и за борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Генералниот секретар ја нарече командната структура на НАТО столб на Алијансата.
Најавено е формирање на два нови командни центри за заштита на комуникациите низ Северна Америка и Европа, но исто така и олеснување на движењето на единиците на НАТО во Европа.
Тој порача дека НАТО ќе соработува со ЕУ за развој на инфраструктурата за побрзо распоредување на војниците.
Столтенберг потсети дека за време на Студената војна, командната структура на НАТО се состоеше од 22.000 персонал и оти има 33 командни центри, а по Студената војна персоналот се намали на 7.000, односно седум командни центри.
Нуклеарната програма на Северна Кореја ја нарече закана за членките на НАТО и за партнерите на Алијансата.
„Глобалните закани бараат глобални одговори", рече Столтенберг, додавајќи дека НАТО има способност да одговори на секаков вид напад.
Тој исто така потсети на ситуацијата во Авганистан и рече дека бројот на напади во земјата во последно време е зголемен.
„Сојузниците на НАТО ќе испратат дополнителни војници во Авганистан во следните неколку месеци, за да помогнат во воспоставувањето мир и во борбата против тероризмот", рече Столтенберг.