12 Мај 2022•Ажурирај: 13 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пред неформалната вечера со политичките претставници на Западен Балкан изјави дека нема простор за загрозување на територијалниот интегритет, единство и суверенитет на Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сега би сакал да ја искористам оваа прилика да повторам дека нема простор за загрозување на територијалниот интегритет, единство и суверенитет на БиХ. Морам да бидам искрен, ова го кажувам со посебен акцент на господинот Милорад Додик“, рече Борел.
Тој рече дека Западен Балкан „останува стратешки приоритет“ на Европската Унија.
Тој, исто така, ја истакна потребата ЕУ и Западен Балкан „да останат обединети“ и „да ги преземат неопходните чекори заедно за да обезбедат безбедна, стабилна и просперитетна Европа“.
„Тоа е наш заеднички интерес. Тоа е најдобриот начин да се изгради иднина за Западен Балкан бидејќи иднината на Западен Балкан е во рамките на ЕУ и тоа е многу силна причина за вечерашната средба“, рече Борел.
Неформалната вечера се одржа во рамките на традицијата на заеднички средби двапати годишно, а тема на вечерашната средба е иднината на регионот.
„Верувам дека повеќето од нашите партнери од Западен Балкан се согласуваат со одговорот на Европската Унија на руската агресија врз Украина“, рече Борел.
На традиционалната неформална вечера на лидерите од Западен Балкан со шефот на европската дипломатија присуствуваат и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателите на Србија и Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, како и шефицата на косовската дипломатија Доника Гервала.