Faruk Zorlu
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
АНКАРА (АА) – Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) ќе одржат итен состанок во Њујорк поради одлуката на Русија делумно да ги мобилизира своите резервисти за зајакнување на своите вооружени сили и плановите за референдуми во делови на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вечерва, веднаш откако слушнав за изјавите на г. Путин, свикувам вонреден и ад-хок неформален состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија со цел да се договорат за заедничка линија“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Заедничката линија – сигурен сум – може да се сумира со зборовите дека нема да бидеме заплашени, дека ќе продолжиме со нашата целосна поддршка за украинскиот суверенитет и демократија и ќе продолжиме да работиме за оваа војна да престане што е можно поскоро – пред да влеземе во поголеми предизвици и пред да се соочиме со поголеми закани и пред меѓународната заедница да реагира на таквите закани“, додаде Борел.
„Вечерва ги свикувам министрите за надворешни работи на ЕУ, собрани на Генералното собрание на ОН во Њујорк, за да се договорат за нашата линија“, рече тој во објава на Твитер.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера (21 септември) најави масовна мобилизација од 300.000 резервистиво Русија како поддршка на неговите воени напори во Украина. Притоа, тој упати предупредување пред планираните референдуми во делови на Украина кои Западот ги осуди како „лажен“ обид за анексија на дополнителна украинска територија.