Mohammad Sıo
22 Април 2025•Ажурирај: 23 Април 2025
ГРАД ГАЗА (АА) - Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа предупреди на лажните гласини за наводни договори за масовна емиграција на Палестинците од територијата, обвинувајќи го Израел дека ја предводи кампањата за „поткопување на националната свест и слабеење на палестинската непоколебливост“, јавува Анадолу.
Канцеларијата соопшти дека ги следи објавите на социјалните мрежи и дезинформациите за наводните планови за масовна миграција водени од „контроверзни личности“ што соработуваат со странски ентитети. Објавите ја промовираат идејата палестинските семејства да патуваат преку аеродромот „Рамон“ во Израел во различни земји, се вели во соопштението.
„Ние категорично потврдуваме дека овие информации се целосно лажни, дел од злонамерна и систематска кампања за да се еродира отпорноста на нашиот народ, да се таргетира неговата национална свест и да се принудува на присилна миграција под притисок на страдањето и војната“, се додава во соопштението.
Во него се обвинува Израел дека ги поддржува објавите преку лажни или пристрасни профили, заведени поединци или оние што користат фалсификувани документи и безвредни правни форми.
Во соопштението се истакнува израелската промоција на „безбедна миграција“ финансирана од окупацијата, обид да се прикријат „грдите планови за масовно иселување“ што Израел не успеа да ги наметне со сила и сега се обидува да напредува преку „откриени меки тактики“.
На 4 февруари американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничката прес-конференција во Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рече дека САД ќе ја „преземат“ и ќе ја „поседуваат“ Газа, опишувајќи ја како „целосно уништена“ област.
Трамп предложи Палестинците да се преселат во нови населби во соседните земји, особено во Египет и Јордан.
Египет, Јордан и други арапски, како и европски земји и меѓународни организации го отфрлија неговиот план.
Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека неколкутемина Палестинци кои неодамна ја напуштија територијата се „познати случаи“ на пациенти и ранети лица што беа пренесени преку преминот „Керем Шалом“ за лекување во странство, а не мигранти. Поинаквите тврдења се „намерни лаги и искривувања на вистината“, се наведува во соопштението.
Канцеларијата ги повика Палестинците да се спротивстават на „отровната пропаганда“ што ѝ служи на „стратегиската ционистичка цел“ на Израел за празнење на палестинската земја, децениска амбиција за реализирање на „сонот на Израел“.
На 4 март на итниот самит на Арапската лига е одобрен петгодишен план вреден 53 милијарди долари за обнова на Газа без иселување на Палестинците, но Израел и САД го отфрлија, придржувајќи се до планот на Трамп за нивно преселување во Египет и Јордан.
Израелската армија ја продолжи својата смртоносна офанзива во Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 1.864 Палестинци, а рани речиси 4.900 и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници од јануари.
Во бруталната израелска офанзива од октомври 2023 година досега во Газа се убиени над 51.200 Палестинци, од кои повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.