Sayed Khodaiberdi Sadat
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
КАБУЛ (АА) - Фондацијата „Спасете ги децата“ објави дека во Авганистан во декември минатата година 135 деца починале од пневмонија и неисхранетост, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оттаму изразија загриженост за зголемувањето на бројот на деца кои умираат во Авганистан од разни болести, особено од пневмонија и неисхранетост. Истакнуваат дека 135 деца починале од пневмонија и неисхранетост во декември 2021 година во Авганистан.
Според податоците на Фондацијата, повеќе од половина од семејствата во Авганистан не можат да добијат здравствена заштита кога тоа е потребно. Нагласуваат дека здравствениот систем е во тешка состојба поради намалената помош за земјата, што има фатални последици за авганистанските деца.
Од „Спасете ги децата“ исто така наведоа дека многу здравствени домови, особено амбуланти, се затворени поради неисплатените плати на здравствените работници низ Авганистан, па болните деца се соочиле со затворени здравствени домови и празни аптеки кога им било потребно лекување.
Исто така, беше објавено дека мобилните тимови работат во оддалечените делови на земјата за да ги спасат животите на илјадници болни деца.
Во соопштението објавено на 26 јануари, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека здравствениот систем во Авганистан е на работ на колапс и повика на преземање итни мерки.
Здравствената програма која за време на претходната влада ја финансираа Светска банка, Европската комисија и Агенцијата за меѓународен развој на САД беше стопирана со прекинот на меѓународната помош.
Во Авганистан, каде што гладот и бедата се зголемија откако талибанците ја презедоа власта, здравствените установи, особено болниците за Ковид-19, се обидуваат да обезбедат услуги и покрај недостатокот на греење, гориво, електрична енергија, храна, вакцини, лекови и медицински услуги.