Seyit Aydoğan
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
ТОРОНТО (АА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо истакна дека руската инвазија на Украина ќе има тешки и сериозни последици, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Федералниот Парламент на Канада одржа специјална седница за украинската криза.
Премиерот Џастин Трудо на специјалната седница на Парламентот се обрати преку видеоконференција од неговиот дом бидејќи се наоѓа во карантин поради позитивниот тест за Ковид-19.
Трудо на седницата, која траеше повеќе од два часа, одговараше на прашањата на пратениците.
„Русија бара конфликт. Ако Русија ја нападне Украина, тоа ќе има тешки и сериозни последици“, нагласи Трудо.
Наведувајќи дека Канада помага во обуката на украинските војници и дека тоа ќе продолжи да го прави и во наредните три години, Трудо рече дека ќе испратат и пари и воена опрема во Украина.
Предупредувајќи ја Русија на „високата цена и на сериозните последици“ доколку избере да ја нападне Украина, Трудо нагласи дека доколку се случи инвазија ќе почнат да спроведуваат координирани планови за економски санкции против Русија.
„Нашиот приоритет број еден за Украина е да биде економски силна“, додаде канадскиот премиер.
Водачот на Конзервативната партија Ерин О' Толе и лидерот на Новата демократска партија, Џагмит Синг, ја повикаа Владата да обезбеди поголема поддршка за Украина.
Од друга страна, Трудо ги бранеше чекорите што ќе ги преземат за намалување на тензиите.