Ekipa
23 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Полицијата во Газа неутрализира скоро 300 неексплодирани гранати и ракети истрелани од Израел за време на нападите врз палестинските територии, јавува Агенција Анадолија (АА).
Началникот на полицијата, Махмуд Салах, на прес-конференција во Појасот Газа истакна дека тимовите за отстранување бомби сè уште работат на неутрализирање на други неексплодирани убиствени средства и покрај нивните ограничени технички можности.
Прес-конференцијата се одржа на урнатините од седиштето на полицијата уништено во израелските воздушни напади.
„Израелската окупација се обиде да го растури нашиот домашен фронт со бомбардирање на полициските управи, но полицијата не се двоумеше да се спротивстави на окупацијата“, рече Салах.
„Окупацијата не успеа во дестабилизирањето на нашата безбедност и во заканата кон нашиот внатрешен фронт, а полициските службеници останаа непоколебливи во својата должност за ефикасно служење на нашиот народ“, додаде полицискиот началник.
Тој истакна дека полицијата ќе продолжи да им служи и да ги штити жителите на Газа и покрај уништувањето на полициските управи.
Во петокот стапи на сила прекинот на огнот меѓу палестинските групи на отпорот и Израел, постигнат со посредство на Египет, со што се стави крај на 11-дневните израелски напади.
Според последните податоци на палестинското Министерство за здравство, во израелските напади врз Појасот Газа, што започнаа на 10 мај, животот го изгубија најмалку 248 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени, а 1.948 се повредени. Здравствените власти на Западниот Брег потврдија дека има уште 31 загинат Палестинец од минатиот месец, вкупно 279 на сите палестински територии.
Од друга страна, во ракетите истрелани од Појасот Газа кон Израел животот го изгубија 12 Израелци.