Şenhan Bolelli
27 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
МАДРИД (АА) - Ерупцијата на вулканот на шпанскиот остров Ла Палма, која уништи повеќе од 460 куќи, продолжува, а бројни спасувачки служби сè уште се на терен и го следат текот на вулканските активности, јавува Aгенција Анадолија (AА)
Аеродромот на шпанскиот остров Ла Палма повторно беше отворен вчера, а властите дозволија некои од евакуираните лица да ги соберат работите од своите домови.
Според податоците на системот за набљудување на Земјата на Европската вселенска агенција „Коперникус“, лавата за седум дена уништила 462 куќи на површина од 212 хектари, како и над 40 складишта, објекти и површини кои се користат за стока и земјоделски работи.
Речиси 6.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Ла Палма, и привремено се сместени во хотели, гаражи и неоштетени или помалку оштетени куќи на другите жители на островот.
Вулканот еруптираше на 19 септември на канарскиот остров Ла Палма, каде живеат околу 80.000 жители. Според првичните проценки, штетата изнесува околу 400 милиони евра.
Научниците проценуваат дека ерупцијата би можела да трае и до три месеци.
Последната слична вулканска ерупција во Шпанија се случи во 1971 година на истиот остров, кога еруптираше вулканот Тенегуја.