Adem Şalvarcıoğlu
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
ЏАКАРТА (АА) - Арја Пермана, десетгодишното момче од Индонезија е хоспитализирано поради вишок телесна тежина, која во моментот на негово згрижување во болницата изнесувала 192 килограма, јавува Anadolu Agency (AA).
Мајката на хоспитализираното момче, Рокаја Сомантри, за дописникот на АА кажа дека Арја од својата четврта година почнал нагло да се здебелува и во последните неколку месеци има големи тешкотии со дишењето.
„До четвртата година беше како и сите останати деца, но оттогаш почна да се здебелува и дневно јадеше најмалку петпати. Речиси сето време го минува во јадење или спиење“, рече неговата мајка Пермана.
Истакнувајќи дека сите во семејството се загрижени за неговото здравје, особено во последните неколку месеци откако почнал тешко да дише, Пермана додаде дека самоиницијативно се обиделе да му помогнат со различни диети, но сфатиле дека во овој случај, лекарската помош е неизбежна.
Момчето Арја на дописникот на АА му соопштило дека многу му недостасува училиштето, во кое веќе не оди во последнава година поради својата неподвижност, и дека се обидува да учи дома.
Веста за проблемот на момчето брзо се проширила во локалните индонезиски медиуми, а лекарите од една приватна болница во градот Бандунг преземале иницијатива и го згрижиле момчето во болница.
Деветчлена медицинска екипа со специјално возило на брзата медицинска помош го префрлиле момчето Арја од неговата куќа во родниот град Бекаси во болницата во Бандунг.