Burak Dağ
13 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Либиските власти соопштија дека во подрачјето на градот Тархуна, кој либиската Армија го ослободи минатата недела од милициите лојални на одметнатиот генерал Калифа Хафтар, се пронајдени уште три масовни гробници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Гробниците се пронајдени на местото каде што неодамна беа пронајдени и останатите масовни гробници“, се вели во соопштението на армиската операција „Буркан ал-Гадаб“ (Вулкан на гневот).
Либиското Министерство за правда исто така соопшти дека подрачјето каде што се пронајдени гробниците ќе биде изолирано за спроведување форензичка истрага.
Во градот Тархуна, кој до неодамна служеше како центар на опеациите на милициите на Хафтар, неодамна беа пронајдени осум масовни гробници.
Мисијата на Обединетите нации за поддршка во Либија (УНСМИЛ) се огласи во однос на масовните гробници.
„УНСМИЛ со ужас ги дочека извештаите за откривањето на најмалку осум масовни гробници во изминатите денови, повеќето од нив во Тархуна“, објави УНСМИЛ на Твитер.
Над 150 тела, меѓу кои и на деца и жени, беа ексхумирани од гробниците од местото кое беше последното упориште на Хафтар во западна Либија.
Меѓународно признатата либиска Влада на национално единство беше цел на напади од страна на силите на Хафтар од април 2019 година, во кои загинаа над 1.000 лица.
Владата во март ја започна операцијата „Бура на мирот“ како одговор на нападите врз главниот град Триполи и неодамна поврати повеќе стратешки локации, меѓу кои и воздухопловната база „Ал Ватија“ и градот Тархуна.