Göksel Yıldırım
18 Јули 2022•Ажурирај: 19 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Кампањите организирани за донации на „Бајрактар TB2“ за Украина, започнаа и во Норвешка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Беспилотните летала „Бајрактар TB2“ произведени од турската компанија „Бајкар“ во одредена смисла станаа еден од симболите на Украина во војната против Русија.
„Бајрактар TB2“, за кој се компонирани и песни, стана еден од првите избори на оние кои сакаат да го поддржат украинскиот народ.
Во голем број земји започнаа кампањи за купување и донирање на „Бајрактар TB2“, како поддршка на украинската Армија и народ.
Во рамките на кампањите во Украина обезбедени се средства за купување на 3 беспилотни летала, а во Литванија за едно. Кампањата во Полска започната за истата цел продолжува.
Како одговор на кампањите во Украина и Литванија, компанијата „Бајкар“ донираше вкупно 4 беспилотни летала „Бајрактар TB2“ и побара собраните пари да се користат за народот на Украина.
Интересот и успехот што го предизвикаа овие кампањи придонесоа да започнат нови кампањи. Во Норвешка започна кампања за донации за купување на „Бајрактар TB2“ во знак на солидарност со Украина.
Во кампањата, за која се наведува дека се бара помалку од 10 круни од секој Норвежанец, на првите 1.000 луѓе кои ќе донираат повеќе од 250 круни ќе им се даде можност да го одредат името на авионот што треба да се донира.
Се очекува во рамките на кампањата да се соберат 55 милиони круни (приближно 5,5 милиони долари) и да се префрлат во фондот за помош на украинската Амбасада.