27 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
САНА (АА) - Најмалку 12 лица се убиени во ракетен напад што јеменските бунтовници Хуси го извршија во северозападната покраина Хаџах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за внатрешни работи на Јемен соопшти дека нападот е извршен вчера, а дека целта на нападот била церемонијата што во градот Миди е одржана по повод годишнината од Септемвриската револуција од 1962 година.
Во соопштението се наведува дека во нападот загинале најмалку 12 лица, а 22 лица се повредени. Меѓу убиените има тројца високи јеменски безбедносни службеници.
Движењето на Хусите досега не го коментираше случајот.
Јемен е средиште на судири од 2014 година, кога Хусите, поддржани од Иран, зазедоа поголем дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше следната година кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа голема воздушна кампања за враќање на освоените подрачја од Хусите, поддржувајќи ја просаудиската Влада на земјата.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, конфликтот однел повеќе од 233.000 животи.