Zehra Nur Düz
27 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
КАБУЛ (АА) - Агенција Анадолија е првата новинска агенција во светот што го прикажа селото Сенгесар, во Авганистан, каде што во 1994 година беше основано талибанското движење под водство на Мула Омар.
Екипата на Агенција Анадолија стигна до куќата на починатиот водач, минувајќи низ многу контролни пунктови покрај патот по преземањето на Авганистан од страна на талибанците.
Речиси 300 семејства сè уште живеат во средиштето на талибанците, селото Сенгесар, кое се наоѓа во подрачјето на Зари, 75 километри од урбаниот центар на јужната авганистанска покраина Кандахар.
Во Сенгесар има четири важни градби поврзани со талибанците, иако некои од нив се само урнатини, меѓу кои и куќата на Мула Омар, џамијата во која Омар работел како имам, медресата каде што е основано талибанското движење и куќата во која што е роден и израснат еден од поистакнатите водачи на движењето, Абдул Гани Барадар.

Мула Омар работел и како имам и како учител во медресата во селото.
Жителите на селото за Агенција Анадолија рекоа дека куќата на Мула Омар, кој не го предал Осама Бин Ладен на САД по нападите на 11 септември 2001 година, била уништена во три одделни американски воздушни напади. Денес останал само ѕидот од градината.

Дел од sидовите на медресата сè уште стојат откако и таа беше бомбардирана во американските напади. Тука, Мула Омар ги одржал своите први состаноци со мал број придружници за да ја формира структурата на групата што потоа ќе стане талибанско движење.
Веднаш до џамијата е куќата во која е роден Абдул Гани Барадар, вицепремиерот на актуелната талибанска Влада.
Припадниците на талибанците сè уште чуваат стража во и околу куќата како почит кон споменот на Мула Омар.

Многу припадници на талибанското движење и цивили загинаа во регионот за време на периодот на конфликт и бомбардирањата.
Некои од придружниците на Мула Омар за АА раскажаа за процесот на појавата на талибанците.

„Кога беше формирано талибанското движење имаше само три парчиња тешко оружје. Јас бев вклучен во првиот напад врз училиште во областа Маиванд во Кандахар“, рече Мухамед Хашим Хашеми за АА.
„Го извршивме првиот напад со 100 луѓе против група која користеше училиште како воен камп во Маиванд и ја презедовме контролата врз училиштето“, рече Мавлави Мухамед Шах Ахунд.
„По овој напад, нашето име се слушна, и дури и авганистанските студенти кои студираа во Пакистан дојдоа да нè поддржат. Бројот на нашите припадници за кратко време достигна речиси 500“, додаде тој.