Ikrame Imane Kouachi
06 Октомври 2024•Ажурирај: 07 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелски воени авиони извршија повеќе од 30 воздушни напади во текот на ноќта врз јужните предградија на Бејрут, што се смета за најинтензивен ноќен напад откако Израел ја прошири својата воена офанзива во Либан на 23 септември, јавува Анадолу.
Официјалната либанска Национална новинска агенција денес објави дека нападите биле насочени кон различни локации во јужните предградија на Бејрут, што резултирало со големи оштетувања и густ облак од чад што ја покрива областа. Воздушни напади се слушале ширум главниот град Бејрут.
Воздушните напади погодија неколку области, вклучително и бензинска пумпа во близина на аеродромот, зграда на улицата Барџауи во областа Гобеири и други локации во Сафир и Бурџ ал Бараџнех.
Портпаролот на израелската војска Авичај Адраи тврди дека израелските воздухопловни сили биле насочени кон „оружје и инфраструктура на Хезболах во Бејрут“.
Адраи додаде дека нападите се засновани врз „точни разузнавачки информации, насочени кон магацините за оружје на Хезболах и други воени структури“.
Интензивни воздушни напади Израел спроведува врз јужните предградија, кои Израел ги смета за упориште на Хезболах.
Во минатонеделниот напад на Бејрут беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, а нападот во петокот беше насочен кон неговиот потенцијален наследник Хашем Сафиедин.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Појасот Газа, во која досега се убиени повеќе од 41.800 луѓе, главно жени и деца.
Според податоците на либанските власти, во Либан во израелските бомбардирања и гранатирања убиени се најмалку 2.036 луѓе, повеќе од 9.500 се ранети, а 1,2 милиони се раселени.
Меѓународната заедница предупредува дека израелските напади врз Либан би можеле да прераснат во поширока регионална војна.