Ikrame Imane Kouachi
19 Мај 2024•Ажурирај: 21 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Болницата „Камал Адван“ во Бејт Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, повеќе не е во функција поради тековните израелски напади, соопшти денес палестинската Служба за цивилна заштита, известува Анадолу.
„Болницата 'Камал Адван' во градот Бејт Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, не е во функција поради заканите на израелската војска и континуираното бомбардирање на околината на болницата“, се наведува во соопштението, додавајќи дека израелската војска го гранатирала и подрачјето на болницата Ал Авда во градот Џабалија.
Во соопштението се истакнува дека спасувачките и медицинските тимови извлекле на стотици тела на Палестинци во Џабалија по израелското бомбардирање, а голем број тела сѐ уште се под урнатините.
Минатата недела израелската војска започна нови напади на Џабалија и околните подрачја. Цел на напади беа десетици домови и инфраструктура во бегалскиот камп Џабалија, каде се сместени стотици илјади жители и раселени лица од северните делови на Појасот Газа.
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Во израелските напади на Појасот Газа се убиени над 35.386 Палестинци, воглавно деца и жени, а 79.366 се повреди во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства за живот.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.