Yusuf Özcan
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
БИЈАРИЦ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, соопшти дека земјите од групата Г7 ќе помогнат со 20 милиони евра за гаснење на шумските пожари во Амазонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Макрон одржа заедничка прес-конференција со чилеанскиот претседател, Себастијан Пинера, во Бијариц, Франција, каде што се одржува Самитот на Г7.
Претседателот на Франција, истакнувајќи дека пожарите во шумскиот појас на Амазонија влијаат врз многу земји, нагласи: „Ова не е драма само за тие земји, туку и за целото човештво“.
Макрон, исто така, истакна дека пожарите негативно влијаат и на климата.
„Ние (како земји од Г7) ќе обезбедиме 20 милиони евра финансиска поддршка за земјите од Амазонија“, рече Макрон, додавајќи дека Франција ќе обезбеди и воена поддршка за гаснење на пожарите.
Тој наведе дека следниот месец во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ќе биде започната иницијатива за Амазонија.
Посочувајќи дека сите земји од Г7 се согласиле да помогнат во гаснењето на шумските пожари во Амазонија, Макрон нагласи дека за ова прашање разговарале и со американскиот претседател, Доналд Трамп.
Покрај Амазон, Макрон рече дека ќе дадат поддршка и за гаснење на шумските пожари во Африка и дека на таа тема ќе разговараат со претседателот на Комисијата на африканска унија, Муса Факи Мухамед.
Макрон истакна дека Трамп не присуствувал на утринската сесија за климатските промени, бидејќи во тој момент имал средба со германската канцеларка, Ангела Меркел, и дека на сесијата за климатски промени учествувала американската делегација.