Zehra Ulucak
27 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
МЕКСИКО (АА) - Во мексиканскиот град Сиудад Хуарес, кој се наоѓа на границата со Соединетите Американски Држави (САД), убиени се 4 лица, од кои 3 се малолетни девојчиња, пренесува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството на мексиканската сојузна држава Чивава соопшти дека во вооружен напад се убиени 3 сестри на возраст од 4, 13 и 14 години.
Во соопштението се додава дека за време на нападот киднапирано е и 25-годишно лице, кое подоцна е пронајдено мртво.
Обвинителството информираше и дека на местото на нападот се пронајдени 114 чаури од куршуми.
Мексиканските медиуми објавија дека се претпоставува дека убиеното лице е чичко на усмртените девојчиња.
Весникот „Ел Пасо тајмс“ („El Paso Times“) објави дека девојчињата се убиени во отворениот оган при киднапирањето на споменатото лице.
- Во јуни извршени над 3.000 убиства -
Во градот Хуарес и останатите подрачја во мексиканската сојузна држава Чивава, судирите меѓу наркобандите и другите криминални групи се причина за голем број убиства.
Според извештајот што беше објавен минатиот месец, во јуни во Мексико се извршени 3.080 убиства, што претставува зголемување од 8 % во однос на убиствата за истиот период минатата година.
Власта соопшти дека во првата половина од оваа година се извршени 17.608 убиства, додека во истиот период минатата година, бројот на убиства изнесувал 16.714.