Moustafa Maged Haboosh,Ali Semerci
15 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
ГАЗА (AA) - Палестинците во блокираниот Појас Газа на урнатините од станбена зграда уништена во израелски напад пееја традиционални палестински песни за да искажат противење поради одржувањето на Евровизија во Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Концертот е временски усогласен со Евровизија, која започна во недела во израелскиот град Тел Авив.
Палестинските пејачи и музички групи на урнатините од зградата изведуваа традиционални палестински песни во кои пееја за потребата од љубов, слога и мир во целиот свет.
На манифестацијата, која ја организираше невладината организација „Jusoor", присуствуваа бројни локални пејачи, уметници и жители на Палестина меѓу кои беа и бројни деца.
Камел Мусалам, координатор на организацијата „Jusoor", изјави дека со овој концерт сакаат да му покажат на целиот свет дека се спротивставуваат на одлуката да се одржи Евровизија во Израел.
„Концертот го испланиравме така што се поклопува со натпреварувањето Евровизија во Тел Авив како начин да го изразиме нашето спротивставување на одлуката овој настан да се одржи во Израел кој и понатаму продолжува со злосторствата против палестинскиот народ", рече Мусалам.
„Музиката е јазик на мирот и љубовта. Сепак, со организирање на ова натпреварување во Израел се прикриваат злосторствата на израелската окупација", рече Мусалам.
Тој апелираше на Европската унија да не му дозволи на Израел на овој начин да ги прикрива злосторствата кои континуирано ги врши над Палестинците и побара што поскоро да биде укината блокадата на Појасот Газа.
Во концертната сала „Expo" во Тел Авив вечерва се одржува првата полуфинална вечер на 64 издание на Евровизија, или Евросонг, а финалето ќе биде одржано на 18 мај.