АНКАРА (АА) - Туркије и Израел се две земји „со богато историско наследство и перспективна иднина“, истакна израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, додавајќи дека неговата земја ја гледа Туркије како важен глобален актер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за новинарите пред неговото заминување од Анкара, Бени Ганц го изрази своето задоволство од неговата посета на Туркије, заблагодарувајќи им се на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за одбрана, Хулуси Акар, за топлиот пречек.
„Туркије и Израел управуваат со многу безбедносни предизвици“, истакна тој.
„Воспоставувањето на одбранбените односи меѓу нашите земји придонесе за безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток, додавајќи ги позитивните трендови што веќе ги гледаме како резултат на Аврамските договори“, рече Ганц, мислејќи на договорите за нормализација на односите меѓу Израел и неколку арапски држави од есента 2020 година.
Нагласувајќи дека Израел и Туркије имаат „заеднички интерес да ја одржат стабилноста и безбедноста и да обезбедат просперитет во регионот“, Ганц рече дека тоа, исто така „бара заеднички напор за борба против тероризмот“.
„Во таа насока, би сакал да им се заблагодарам на претседателот Ердоган, министерот Акар и на безбедносните агенции вклучени во спасувачката соработка во справувањето со терористичките закани против израелските граѓани во локалната еврејска заедница“, додаде израелскиот министер, осврнувајќи се на инцидентот во јуни годинава, кога 10 Иранци кои подготвуваа напади врз израелски туристи во Истанбул, беа приведени од турските разузнавачки и полициски тимови.
Потенцирајќи дека соработката меѓу Туркије и Израел „е клучна за двете земји“, Ганц рече дека му наложил на својот тим „да ја започне потребната процедура за обновување на работните односи“.
„Ние ќе ги унапредуваме нашите односи на стабилен начин и ќе одржуваме отворен дијалог. Израел ја гледа Република Туркије како важен глобален актер, со голем потенцијал за проширување на нашите односи на економско поле, сега и во областа на одбраната, и за реализирање на сите можни напори за обезбедување и промовирање на стабилноста во целиот регион“, нагласи Ганц.
- Палестина и Сирија -
На прашањето на Агенција Анадолија за предизвиците во билатералните односи, Ганц одговори дека двете земји сè уште имаат одредени различни пристапи за некои прашања.
„За жал, за време на последната деценија, нашите односи сè уште беа формално активни, но не премногу успешни, главно поради несогласувањата за палестинското прашање“, одговори тој, додавајќи дека Израел е загрижен за неговите безбедносни потреби.
„Но, исто така, во врска со палестинското [прашање], ја разбираме потребата и поддршката што Палестинците би сакале да ја добијат, дефинитивно за економските и хуманитарните прашања“, додаде тој.
Потенцирајќи дека Туркије и Израел ќе изнајдат начини да ги надминат тие разлики паралелно со повторно унапредување на билатералните односи, Ганц, исто така, нагласи дека е важно да не се заборави на случувањата на Блискиот Исток во последната деценија.
За повеќе од една деценија долгата граѓанска војна во Сирија, Ганц рече дека прашањето можеби е на „исто географско место, но дефинитивно не е на истото геополитичко место“.
За потешкотиите што Израел ги има со Иран, тој рече дека Техеран работи на дестабилизирање на регионот.
Израелските власти генерално се воздржуваат од коментари за нападите врз сириска територија.
Израел спорадично спроведува напади против групите поддржани од Иран во Сирија и сириските воени точки од 2011 година, кога започна граѓанската војна во земјата откако режимот на Асад ги задуши продемократските протести.
Ганц ја опиша својата посета на Туркије како прва „безбедносна средба на државно ниво што ја отвора вратата и покажува насоки за потенцијална соработка во иднина“.
Додавајќи дека тие не разговарале за конкретни проекти од полето на одбраната, Ганц истакна дека заеднички проекти од одбранбената индустрија може да бидат разгледани на идните средби.
Во однос на изборите во Израел, кои наскоро треба се одржат, Ганц изрази надеж дека тоа ќе бидат последни избори во Израел за одреден период и дека ќе доведат до формирање стабилна Влада.
„Од моја перспектива, без оглед на тоа каква Влада ќе се формира во Израел, нејзините билатерални предизвици и интереси сепак ќе останат исти“, нагласи израелскиот министер за одбрана.
- Грција, борбени авиони -
На прашањето за откажувањето на неодамна закажаната посета на Грција, Ганц рече дека тоа се должи на „технички и безбедносни прашања“.
Ганц изрази надеж дека Туркије и Грција ќе го продолжат дијалогот за одржување на стабилноста.
Тој, исто така, рече дека Израел допрва треба да донесе одлука околу продажбата на својот систем за воздушна одбрана „Железна купола“ на Администрацијата на кипарските Грци.
„Не навлегувам во деталите за различните индустриски проекти со различни места. Но за тоа ќе видиме во иднина“, додаде тој.
Ганц се осврна и на прашањето за продажба на борбените авиони Ф-35 на Туркије од страна на САД, за кое рече не се разговарало за време на неговата посета, бидејќи станува збор за билатерално прашање меѓу Анкара и Вашингтон.
Неговиот одговор дојде откако новинар праша за наводите дека израелски официјални претставници лобирале во Вашингтон да се исфрли Туркије од програмата за Ф-35 како дел од напорите на Израел да ја зачува својата воена квалитативна предност во регионот.
Туркије протестираше за нејзиното суспендирање од програмата во 2019 година, нагласувајќи дека нејзиното купување на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400 не ги загрозува системите на борбените авиони, спротивно на тврдењата на САД, и постојано предлагаше формирање комисија за разгледување и разјаснување на ова прашање.
Туркије сега е фокусирана на купување на најновата верзија на борбените авиони Ф-16 од САД, како и на сетови за модернизација за нејзините постари авиони Ф-16.