Cüneyt Karadağ
19 Јануари 2023•Ажурирај: 20 Јануари 2023
БЕРЛИН (АА) - Германскиот Парламент денеска едногласно усвои декларација за геноцид врз Езидите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Парламентот признава дека злосторствата извршени од ДЕАШ врз заедницата Езиди на ирачка територија во 2014 година претставуваат геноцид во контекст на Конвенцијата на Обединетите нации за спречување и казнување на злосторството геноцид“, се наведува во резолуцијата.
Претставниците кои го потпишаа предлогот ја повикаа германската Влада да продолжи да ги поддржува постојните меѓународни и национални структури за политичко и правно справување со геноцидот и да ги зајакне овластувањата на УНИТАД, специјалниот истражен тим на ОН.
Во резолуцијата се наведува дека повеќе од 5.000 Езиди биле мачени и брутално убиени од страна на терористичката организација ДЕАШ.
Предлогот за резолуцијата беше подготвен од Социјалдемократската партија (СПД), Слободната демократска партија (ФДП) и Зелените (Груне) и главната опозициска Партија за христијанско единство (ЦДУ-ЦСУ).
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, го поздрави усвојувањето на резолуцијата.
„Ниту една парламентарна резолуција во овој свет не може да ги олесни страдањата на Езидите, но длабоко верувам дека оваа одлука ќе направи разлика“, напиша Баербок на Твитер.
Баербок, исто така, нагласи дека во Германија живее најголемата езидска дијаспора на светот.