Ethem Emre Özcan
22 Февруари 2023•Ажурирај: 01 Март 2023
АФРИН (АА) – ЕТЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН -
Бебето родено под урнатините во Џендерес, североисточна Сирија, пристигна во домот на роднините, јавува Анадолу.
Бебето е посвоено од неговите тетка и тетин и го доби името Афра, по неговата мајка која почина по породувањето под урнатините по разорните земјотреси.
Бебето е пуштено од болница откако со ДНК-тест е потврдено неговото сродство со тетката.

Афра ќе расне без мајка си и татка си кои загинаа во земјотресите што на 6 февруари ги погодија јужна Туркије и Сирија. Бебето имаше модринки и расекотини кога беше извлечено од под урнатините.
Од најблиските роднини останати се уште неговите тетка и тетин, чија куќа, исто така е уништена во земјотресот. Афра и нејзиното ново семејство привремено ќе живеат во шатор.

Тетинот на девојчето, Халил Шам Савади, рече дека за време на земјотресот успеал да ги извлече сопругата и децата од куќата и дека тие се спасиле. Меѓутоа, тоа не беше случај со семејството на бебето Афра.
Како што рече, Афра сега е во добра здравствена состојба.
„Афра ми е спомен од нејзиниот татко. Ѝ загина целото семејство. Нејзиниот татко ми беше поблизок од брат“, изјави Халил.
Спасувачите го пронајдоа бебето по повеќе од десет часа по земјотресот. Сè уште беше поврзано преку папочната врвца со својата мајка која беше мртва заедно со нејзиниот сопруг и со уште четири други деца.