Almir Terzic
11 Јули 2020•Ажурирано: 12 Јули 2020
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Геноцидот во Сребреница беше најлошото злосторство на европско тло од Втората светска војна, порача во своето видео обраќање Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), по повод одбележувањето на 25. годишнина од геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дваесет и пет години подоцна оддаваме почест на брутално убиените и се обврзуваме дека никогаш нема да ги заборавиме. Тагуваме со нивните семејства, како и со семејствата на оние кои сè уште се водат како исчезнати. Ја потврдуваме нашата солидарност со преживеаните. Пред четвртина век Обединетите нации и меѓународната заедница ги изневерија Сребреничаните. Како што и поранешниот генерален секретар на Обединетите нации рече, тоа засекогаш ќе ја прогонува нашата историја. Соочувањето со тоа минато е клучен чекор кон поновата изградба на довербата“, порача Гутереш.
Истакна дека помирувањето мора да биде пратено со взаемна емпатија и разбирање.
„Помирувањето значи отфрлање на негирањето на геноцидот и воените злосторства како и секој обид за глорификација на воените злосторници. Тоа, исто така, значи препознавање на сите жртви и неприсвојување на колективна вина. Затоа, ги повикувам сите во регионот да се спротивстават на говорот на омраза и реториката на поделби, и наративите на недоверба и страв. Сите заедници, сите лидери и организации, вклучувајќи ги и медиумите, мора да се обврзат на тоа. Сите граѓани на Босна и Херцеговина заслужуваат посветеност од своите лидери за создавање на окружување од заемна доверба, без дискриминација, омраза или поттикнување насилство“, порача Гутереш.
- 25. годишнина од геноцидот -
На 25. годишнина од геноцидот во Сребреница на гробиштата во Меморијалниот центар погребани се девет жртви.
Салко Ибишевиќ е најмладата жртва која оваа година е погребана на гробиштата во Меморијалниот центар. Имал само 23 години кога е убиен. Неговите посмртни останки се пронајдени во секундарната масовна гробница Липље, во општина Зворник во 2001 година.
Највозрасната жртва која е погребана денес е Хасан Пезиќ од местото Пустоше кај Власеница. Кога е убиен имал 70 години, а исчезнал во 1995 година, на подрачјето на Козлук. Неговото тело е ексхумирано од масовната гробница во Козлук 1999 година.
Во Меморијалниот центар „Поточари“ оваа година погребани се: Сеад (Хусо) Хасановиќ, роден во 1971 година во Кривача; Алија (Бекто) Суљиќ, роден во 1969 година во Познановиќи; Хасан (Алија) Пезиќ, роден во 1925 година во местото Пустоше; Хасиб (Шабан) Хасановиќ, роден во 1970 година во Слатина; Зухдија (Суљо) Авдагиќ, роден во 1947 година во Нова Касаба; Бајро (Рамо) Салиховиќ роден во 1943 година во Волјавица; Ибрахим (Хамид) Зукановиќ, роден во 1941 година; Салко (Ахмо) Ибишевиќ, роден во 1972 година во Љубовија и Кемал (Хусеин) Мусиќ, роден во 1968 година во Глогово.