Bayram Altuğ
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Јара Шариф, портпарол на специјалниот претставник за Сирија при ОН, Стефан де Мистура, во врска со информациите дека се одложени средбите за Сирија планирани за 8. февруари во Женева изјави: „Од наша страна, сѐ уште не станува збор за одложување“, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Шариф во изјава за АА ја оцени изјавата на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров дека средбите за Сирија, кои се планирани за почетокот на февруари во Женева, се одложени за крајот од месецот.
Шариф истакна дека само Де Мистура може да донесе одлука за одложување и додаде: „Де Мистура следната недела ќе патува во Њујорк. Откако ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и со членовите на Советот за безбедност на ОН, ќе даде изјава во врска со оваа тема. Од наша страна сѐ уште не станува збор за одложување“.
Лавров, кој во Москва се сретна со групата наречена „Сириски политички опозициски претставници“, претходно изјави дека е неприфатлива пасивноста на ОН, кои од април досега немаат организирано средби во Женева со сириските страни во конфликтот.
„Женевската средба, која требаше да се одржи на 8. февруари, одложена е за крајот на месецот. Сметаме дека фокусот во Женева треба да се стави на конкретни теми, како што е работа на Уставот“, изјави Лавров.