Ekipa
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
КУТУПОЛОНГ (AA) - Делегацијата на Обединетите нации (ОН) ги посети камповите во Бангладеш со цел да им се овозможи на араканските муслимани што побегнале од суровоста во Мјанмар, безбедно да се вратат во своите земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа делегација изврши надзор на бегалските кампови во Кокс Базар, каде што се сместени араканските муслимани кои се засолнија во Бангладеш.
Претставникот на Русија во ОН, Дмитриј Пољанскиј, во изјавата за медиумите по оваа посета, истакна дека нема да се држат настрана од проблемите во регионот.
„За жал нема некое магично решение, нема магично стапче што ќе ги реши овие проблеми“, додаде тој.
Претставникот на Перу во ОН, Густаво Адолфо Меса Куадра Веласкес, нагласи дека делегацијата, меѓу кои и тој, е подготвена да работи многу со цел да се најде решение.
Веласкес рече дека биле сведоци на големината на кризата, и на трагичната состојба на некои семејства.
Од друга страна, претставничката на Велика Британија во ОН, Карен Пирс, истакна дека продолжуваат активностите за враќање на араканските муслимани во нивните земји, но, како што рече таа, треба да им се дозволи на бегалците да се вратат во безбедни услови.
- Делегацијата се сретна со премиерката на Бангладеш, Хасина -
Делегацијата на ОН потоа во Дака оствари средба со премиерката на Бангладеш, Шејх Хасина.
Хасина за време на средбата изрази очекување дека ОН, како и Кина, Русија, Индија и Јапонија, кои претставуваат регионална сила, ќе имаат активна улога во решавање на кризата на араканските муслимани.
Хасина упати апел до меѓународната заедница да го продолжи притисокот врз Мјанмар со цел да им се овозможи на над еден милион аракански муслимани засолнети во Бангладеш, да се вратат во нивните територии.
„Мјанмар треба да делува во рамките на договорот за враќање потпишан со Бангладеш“, додаде Хасина.
Членовите на делегацијата по оваа средба заминаа во главниот град на Мјанмар, Непидо, каде што се очекува да остварат средба со Аунг Сан Су Чи, министерка за надворешни работи на Мјанмар и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, како и со другите владини претставници.
Според ОН, бројот на бегалците што од 25 август 2017 година досега бегајќи од Аракан се засолниле во Бангладеш, достигна 700.000 лица.
Меѓународните организации за човекови права со објавените сателитски снимки докажаа дека стотици села се целосно уништени.
Договорот потпишан меѓу владите на Мјанмар и Бангладеш за враќање на Араканците на нивните територии останува нефункционален во практика, поради што не е можно да се евидентира состојбата на раселените лица.
ОН, како и меѓународните организации за човекови права, насилството врз араканските муслимани го нарекуваат етничко чистење или геноцид.