Ekip
18 Ноември 2022•Ажурирај: 20 Ноември 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Руски брод со ѓубриво блокиран во едно европско пристаниште ќе замине за Африка на 21 ноември, изјави денеска генералната секретарка на Обединетите нации на Конференцијата за трговија и развој, Ребека Гринспан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гринспан разговараше со новинарите по продолжувањето на Црноморскиот договор за жито за уште 120 дена, што вчера го најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Првата пратка ќе тргне од холандското пристаниште во Малави, а бродот моментално се товари“, рече Гринспан на прашањето за руското ѓубриво блокирано во европските пристаништа по почетокот на војната на Москва против Киев.
„Датумот кој е утврден за поаѓање на бродот е 21 ноември за Малави преку Мозамбик“, рече таа, додавајќи дека во неколку европски пристаништа има околу 300.000 тони ѓубриво.
Таа истакна дека тоа е многу важно бидејќи Малави е една од земјите на кои итно им треба ѓубриво.
Гринспан рече дека ОН се надеваат дека следната дестинација за руската стока ќе биде Западна Африка, која е тешко погодена од кризата.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од Црното Море, кој беше суспендиран по почетокот на Руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.
„Како резултат на четирилатералните преговори чиј домаќин беше Туркије, Договорот за Црноморскиот коридор за жито е продолжен за 120 дена од 19 ноември 2022 година, во согласност со одлуката донесена од Туркије, Обединетите нации, Руската Федерација и Украина“, рече Ердоган и додаде:
„Колку овој договор е важен и корисен за снабдувањето со храна и безбедноста на светот, јасно се виде, бидејќи во последните четири месеци речиси 500 брода доставија повеќе од 11 милиони тони жито и прехранбени производи на оние кои имаат потреба.“
Договорот требаше да истече утре.