Mohammed Majed,Ekrem Biçeroğlu
08 Февруари 2024•Ажурирај: 09 Февруари 2024
ГАЗА (АА)
Делегација на Хамас отпатувала за Каиро на преговори за прекин на огнот со Израел, известува Анадолу.
Хамас објави соопштение во кое наведува дека делегација предводена од заменик-претседателот на Хамас во Газа, Халил ал-Хаја, заминала во египетската престолнина на преговори за прекин на огнот со Израел.
- Нетанјаху ги отфрли барањата на Хамас
Палестински извори вчера објавија дека Хамас го прифатил планот кој предвидува размена на заробеници во три фази и прекин на огнот во Појасот Газа, од кои секоја би траела по 45 дена.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, по вчерашниот состанок со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во врска со предлогот на Хамас за прекин на огнот, рече дека прифаќањето на барањата на Хамас, кој понуди примирје и меѓусебна размена на заробеници, би довело до нов масакр за Израел.
Нетанјаху, исто така, рече и дека ѝ наредиле на војската да се подготви за напад на градот Рафа во јужниот дел на Газа.
Обраќајќи им се на семејствата на заробените Израелци во Појасот Газа, Нетанјаху истакна дека барањата на Хамас се нереални и дека одржувањето на воениот притисок е единствена опција за доведување на заробениците.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.840 Палестинци, воглавно деца и жени, а ранети се повеќе од 67.317 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Се претпоставува дека под урнатините се наоѓаат илјадници мртви.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.